Почина Соња Каранџулоска – театарската дива која ја обележа македонската сцена!
Почина Соња Каранџулоска – театарската дива која ја обележа македонската сцена!
Македонскиот театар ја загуби една од своите најголеми ѕвезди. На 77-годишна возраст почина Соња Каранџулоска – актерка која со децении го обликуваше театарскиот живот во земјава и остави неизбришлив траг во културната историја.
Веста за нејзината смрт беше објавена од страна на Македонскиот народен театар (МНТ), институција со која беше тесно поврзана цели четири децении.
„Со голема болка и жалење ве известуваме дека почина нашата колешка, актерката Соња Каранџулоска (1948 – 2025)“, стои во соопштението од МНТ.
фото:принтскрин/мит.мк
Каранџулоска дипломираше на првата генерација на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 1971 година, во класата на проф. Илија Милчин. Во Македонскиот народен театар се вработи во 1974 година, а активно играше на сцената сè до своето пензионирање во 2014 година.
Нејзината прва улога во МНТ беше Авдотја во претставата „Децата на сонцето“ (1973), а потоа следеа незаборавни изведби како Ангелина во „Потоп“, Лиза Дроздова во „Бесови“, Анка во „Госпоѓа министерка“, и Марија Луиса-Балванера во „Еригон“.
Особено се издвојува нејзината монодрама „Клитемнестра“, која премиерно беше изведена во 2002 година. Претставата беше дел од неколку фестивали и останува запаметена како врв на нејзината актерска зрелост, дисциплина и креативна длабочина.
Соња Каранџулоска не се задржа само на театарската сцена – играше и во бројни телевизиски филмови и серии, меѓу кои: „Време води“, „Новогодишен карусел“, „Томе од бензиската пумпа“, „Година на мајмунот“ и популарната серија „Преспав“. Публиката ја памети и од култните „Македонски народни приказни“.
Македонскиот народен театар, нејзините колеги и генерации актери и љубители на театарот се простуваат од Соња Каранџулоска со неизмерна благодарност и тага.
Вечна ѝ слава и благодарност за уметноста што ја создаде и остави зад себе.
Бонус видео:
ЧИТАЈТЕ НЕ НА НАШИОТ ПОРТАЛ ХYПЕ.МК!
СЛЕДЕТЕ ГИ НАЈНОВИТЕ ВЕСТИ НА ВИБЕР, ИНСТАГРАМ: @хyпетв.мк!
ПРЕТПЛАТИ СЕ НА YОУТУБЕ КАНАЛОТ – ХYПЕ МК ЗА СИТЕ НАЈНОВИ ВЕСТИ НА ЕСТРАДАТА!