Истражување на Универзитетот во Тулуз, кое опфатило анализа на 24 студии и речиси 200 милиони луѓе, открива загрижувачки податоци – лицата кои користат канабис имаат 100% поголем ризик од смрт поради кардиоваскуларни заболувања, 29% поголема веројатност за срцев удар и 20% зголемен ризик од мозочен удар.
Студијата, спроведена од д-р Емили Жоанжус и објавена во Journal of the American Heart Association, ја истакнува опасноста во услови на сè почеста рекреативна и медицинска употреба на канабис ширум светот.
Иако не е потврдено дека канабисот директно предизвикува срцеви проблеми, силната поврзаност бара претпазливост. Современите сорти достигнуваат концентрации на ТХЦ и до 30% (споредено со 4% во 1980-тите), а новите начини на консумација, како вапингот и колачињата со канабис, дополнително може да го зголемат ризикот. Канабисот може да влијае на срцевиот ритам, да го зголеми крвниот притисок и да ја наруши функцијата на крвните садови, дури и кај млади луѓе без претходни здравствени проблеми.
Експертите, меѓу кои и д-р Роберт Пејџ од Американската кардиолошка асоцијација, препорачуваат кон канабисот да се пристапува слично како кон тутунот – да се обесхрабрува употребата преку едукација, а не преку криминализација.
Овие откритија ја оспоруваат перцепцијата за канабисот како „нискоризична“ супстанца и укажуваат на неговиот потенцијал да го загрози срцевото здравје. Со зголемената глобална употреба, потребни се дополнителни истражувања за да се разберат механизмите и да се развијат методи за рана детекција, особено кај адолесценти и лица со постоечки заболувања.