ФФМ И ЈАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО ГО ИСТРАЖУВААТ СОМНИТЕЛНИОТ МЕЧ КОЖУВ – БАШКИМИ
ФФМ И ЈАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО ГО ИСТРАЖУВААТ СОМНИТЕЛНИОТ МЕЧ КОЖУВ – БАШКИМИ
Фото/ Википедија
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) официјално започна дисциплинска постапка против седум членови на второлигашот Кожув од Гевгелија, поради сомнеж за местење на натпреварот со Башкими, одигран на 6 мај во рамките на 28. коло од Втората лига.
Покрај спортските власти, интерес за случајот покажа и Основното јавно обвинителство Гевгелија, кое преку Министерството за внатрешни работи ја побара целосната документација од ФФМ за да поведе истрага.
Според информациите од ФФМ, иницијативата е заснована на писмени извештаи од фудбалери, тренери и официјални претставници на клубот, како и на службените лица задолжени за спроведување на натпреварот – судии, делегат, контролор и безбедносен комесар. Дел од фудбалерите во своите изјави навеле имиња на луѓе кои, наводно, давале инструкции поврзани со крајниот резултат.
Федерацијата истакнува дека, доколку се појават нови докази, постапката може да се прошири и на други лица или институции.
Натпреварот, кој заврши со победа на Башкими од 1:2, предизвика жестоки реакции во јавноста. Имено, фудбалерите на Кожув при крајот на мечот буквално застанаа на теренот, дозволувајќи им на гостите од Куманово да постигнат победнички гол во судиското продолжение. Башкими се наоѓа во трка за промоција во Првата лига, додека Кожув нема резултатски мотиви во завршницата на сезоната.