ДЕСЕТ ГОДИНИ ОД ТРАГЕДИЈАТА ВО „ДИВО НАСЕЉЕ“ – СЕЌАВАЊЕ НА ХРАБРИТЕ ХЕРОИ!
ДЕСЕТ ГОДИНИ ОД ТРАГЕДИЈАТА ВО „ДИВО НАСЕЉЕ“ – СЕЌАВАЊЕ НА ХРАБРИТЕ ХЕРОИ!
Денес се навршуваат десет години од вооружениот конфликт што се случи на 9 и 10 мај 2015 година во кумановската населба „Диво Насеље“, каде што животот го загубија осум припадници на безбедносните сили на Република Македонија. Во 28-часовната престрелка, освен осумтемина загинати, беа повредени уште 37 припадници на полицијата.
Фото: Сител.мк
Загинаа: Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ. Тие беа постхумно одликувани со медали за храброст.
Минатата година, во кругот на Секторот за внатрешни работи Куманово, беше откриена спомен-плоча во чест на паднатите херои. Претходно, во центарот на градот беше изработен и мурал со пораката „Хероите живеат вечно“, во чест на нивната жртва.
Граѓаните на Куманово и денес живо се сеќаваат на тие трагични денови. Престрелките започнаа во раните утрински часови, а над градот кружеа хеликоптери. Целиот дел околу населбата „Тоде Мендол“ беше блокиран, улиците беа затворени, а фабриките во тој реон прекинаа со работа. Дел од жителите беа евакуирани од страна на полицијата, додека други најдоа прибежиште кај роднини.
Одредени делови од населбата беа зафатени од густ чад, а интензитетот на престрелките варираше во текот на деновите. Влезот во населбата беше дозволен само за полициски, медицински и противпожарни служби.
Кумановци велат дека овие настани не смеат да се заборават, а трагедијата од „Диво Насеље“ треба да остане врежана како потсетник за цената на мирот и безбедноста – и како поука дека вакви случувања никогаш не смеат да се повторат.
БОНУС ВИДЕО!
ЧИТАЈТЕ НЕ НА НАШИОТ ПОРТАЛ HYPE.МК!
СЛЕДЕТЕ ГИ НАЈНОВИТЕ ВЕСТИ НА VIBER, INSTAGRAM: @хyпетв.мк!
ПРЕТПЛАТИ СЕ НА YOUTUBE КАНАЛОТ – HYPE МК ЗА СИТЕ НАЈНОВИ ВЕСТИ НА ЕСТРАДАТА!