Јапонски научници открија потенцијален третман за спречување на Даунов синдром!
Тим научници од Универзитетот Мејџи во Токио, Јапонија, разви нова генетска метода што може да понуди револуционерен пристап во спречување на појавата на Даунов синдром, објави научното списание PNAS Nexus.

принтскрин;пиксплус
Дауновиот синдром, предизвикан од присуство на дополнителна копија на 21-от хромозом (т.н. тризомија 21), резултира со широк спектар на развојни и здравствени потешкотии. Новото истражување се фокусира на користење на технологијата за уредување гени – CRISPR-Cas9, со цел да се отстрани токму тој вишок хромозом од засегнатите клетки.
Истражувачкиот тим, предводен од Ријотаро Хашизуме, дизајнирал специфични CRISPR-водичи кои го насочуваат ензимот кон дополнителниот хромозом 21. Кога оваа техника е применета врз клетки одгледани во лабораторија, дополнителната генетска копија била успешно отстранета, а функцијата на клетките се нормализирала.
Научниците забележале дека по интервенцијата, гените поврзани со развојот на нервниот систем станале поактивни, а оние што влијаат врз метаболизмот – помалку активни. Исто така, клетките покажале побрз раст и пократко време на удвојување, што укажува на намалување на биолошкиот товар којшто го создава дополнителниот хромозом.
И покрај охрабрувачките резултати, експертите предупредуваат дека техниката сè уште не е подготвена за клиничка примена. Постои ризик од влијание врз здравите хромозоми, поради што се работи на усовршување на насоченоста на CRISPR-системот, со цел да се избегнат несакани ефекти.
Ова истражување отвора можности за нови пристапи во третманот на генетските нарушувања и би можело да го промени начинот на којшто медицината се справува со Даунов синдром во иднина.
БОНУС ВИДЕО:
Сидни Свини го украде шоуто на венчавката на Џеф Безос – сите погледи вперени во неа!